Процесите кои ги водеше Државната Комисија за Спречување на Корупција и Основното Јавно Обвинителство за Гонење на Организиран Кримнал и Корупција ја покажаа вистината која уште на почетокот беше кажана, дека ЕУРОВИА го доби тендерот со вредност од 1.5 милиони евра, од Министерството за надворешни работи во целосно чиста постапка.

Штетата која беше нанесена од невистините пласирани во дел од медиумите и дел од политичките партии е непроценлива, но сепак ЕУРОВИА го издржа неаргументираниот удар кој имаше за цел името на компанијата да биде искористено во политички игри, иако ЕУРОВИА е градена и раководена без било какво политичко влијание, што впрочем го покажува и растот на фирмата од нејзиното основање до денеска.
Очекуваме во најмала рака, медиумите и политичките партии кои го злоупотребуваа името на ЕУРОВИА да се извинат по исходот од одделните процеси кои ги водеа Антикорупциската комисија и ОЈОГОКК, затоа што претрпената штета во ниту еден случај нема да можат да ја вратат.
ЕУРОВИА секогаш била и ќе продолжи да биде општествено одговорна компанија, која секогаш кога излегува на отворени тендерски постапки, единствено што гледа е сработеното да биде квалитетно и навремено, со цел подобрување на условите за секој граѓанин.
Со пренамената на Спортско рекреативниот центар Борис Трајковски, ЕУРОВИА помогна државата да биде претставена во најдобро можно светло пред високи претставници од земјите-членки на ОБСЕ, но и направи работи кои ќе останат за натамошна употреба на сите корисници на СРЦ Борис Трајковски.
Сите тендерски постапки кои ги има добиено ЕУРОВИА, вклучително и пренамената на спортскиот центар Борис Трајковски биле извршени навремено, со највисок квалитет, нешто со кое ќе продолжиме и во иднина, а кое говори за сериозноста и посветеноста на нашата компанија.