Во животот повеќе пати се губи од што се добива. Треба поразите да ги претворат во научени лекции и да им служат како мотивација, а во успесите да уживаат.

Верувајте во себе, работете на себе и сопствените квалитети. Во животот повеќе пати се губи од што се добива. Треба поразите да ги претворите во научени лекции и да ви служат како мотивација.

Зошто баш Германија и Mercedes-Benz? Случаност или сон?

Mercedes-Benz и Ferrari отсекогаш ми биле омилени марки и секако ми било сон да работам за било која од нив. На крај добив понуда и од двете страни, ми се исполни сонот. Штета што не можев да се клонирам и да работам и таму и таму. Зошто Германија? Прво заради квалитетното високо образование и фактот дека најмногу работодавци се лоцирани таму.

Ќе ни отркиете ли со какви искуства и потешкотии се соочивте на патот кон постигнување на целта? Што значи да се биде Exterior Designer во Mercedes-Benz?

Можам да издвојам само пријатни искуства. Прво од студентските денови, при соработка со дизајн студија како Lamborghini, BMW, Mercedes, Porsche…па се до последната презентација на CLA Shooting Brake во Женева заедно со топ менаџментот на Daimler. Потешкотија ми е тоа што сум далеку од дома, меѓутоа амбицијата и остварениот успех го покри некако тоа. За среќа имам можност често да сум во Македонија.
Да сте дизајнер на екстериер за Mercedes значи да ја обликувате иднината на брендот, да створите напреден и допадлив продукт кој е водечки во сегментот и пионер на доста технологии. Истовремено му давате нешто свое на човештвото.

Што најмногу ви се допаѓа во вашата работа?

Ми се допаѓа што можам да креирам, да ги преточам чуствата и визиите во нешто конкретно. Имам голема одговорност за мултимилионерски проекти, што воедно е и товар. Сепак, работата сеуште ја чуствувам како хоби. Исто така работата во тим со врвни професионалци со кои сум на иста бранова должина ми е задоволство.

Како изгледа еден работен ден на Славче Таневски?

Зависно од периодот. Најмалку е уметничко изразување, цртање, што ми фали. Најмногу е надзор на изработка на модел од глина и запазување на сите закони и регулативи со цел сериско производство на возилото. Со тоа доаѓаат и многу состаноци, преговори….

Кои се вашите извори од кои црпите инспирација?

Темпото понекогаш е толку пеколно што немате време да размислувате. Дизајнот самиот излегува од вас. Секако ова доаѓа од целото искуство зад вас. Инспиративни ми се патувањата, новите локации што ги откривам, аеронаутика, морски свет, мода итн.

Колку време е потребно за да се дизајнира еден автомобил?

За цртеж неколку минути, за модел месец-два, а за дизајн спремен за масовно производство до една година. Потоа следуваат инженеринг, тестови и припрема за производство, се на се до 3 ипол години, од прва скица до почеток на продажба.

Како би го опишале вашиот стил и техника?

Техниките се менуваат со тенденција на целосно дигитализирање. Се поголем дел од процесот се случува на компјутерот се до конечното дефинирање на финалниот модел од глина. Мојот стил не е потчинет на конформизмот и мејнстримот, напротив е провокативен и бунтовен. Некогаш тоа е добро, но некогаш е потешко прифатлив за менаџментот кој по правило игра на сигурно.

Каков е новиот модел GLC Coupe?

GLC Coupe оваа година доби редизајн. Освежување на предниот дел, со нова светлосна група напред и назад. Сега ја адаптираме AMG Panamericana маска на предниот дел што му дава поголема спортска нота на возилото. Исто така во понуда е и иновативниот MBUX оперативен систем за комуникација со возачот ипатниците.

Што да очекуваме следно?

Најмоќните компактни возила на пазарот CLA 45 AMG во Coupe и Shooting Brake варијанти.

Што им препорачувате на оние кое сакаат да ги следат вашите чекори?

Да си го следат сонот. Да веруваат во себе, да работат на себе и сопствените квалитети. Да се дисциплинирани и да не се откажуваат. Во животот повеќе пати се губи од што се добива. Треба поразите да ги претворат во научени лекции и да им служат како мотивација, а во успесите да уживаат.