Денес во просториите на Македонска берза АД Скопје, компанијата Eurovia и стартап компанијата Kiimo потпишаа договор за инвестирање со кој македонската компанија Eurovia се обврза да биде т.н. водечки инвеститор во Kiimo, со цел обезбедување на клучниот услов за отпочнување на кампања за прибирање

Скопје, 19 март 2021 година – Денес во просториите на Македонска берза АД Скопје, компанијата Eurovia и стартап компанијата Kiimo потпишаа договор за инвестирање со кој македонската компанија Eurovia се обврза да биде т.н. водечки инвеститор во Kiimo, со цел обезбедување на клучниот услов за отпочнување на кампања за прибирање дополнителни финансиски средства од страна на Kiimo преку глобалната иновативна crowdfunding платформа Funderbeam. Како што е познато, екслузивен застапник во нашата држава на естонската платформа Funderbeam е Македонска берза АД Скопје. Преку оваа платформа македонските стартапи имаат можност за пазарно финансирање во зависност од нивната иновативност и конкурентност, а домашните инвеститори прилика да вложат во бизнис проекти во кои ќе препознаат добар потенцијал.

Ова е прв случај на класична корпоративна инвестиција од една македонска компанија во македонски стартап.

Секоја кампања на Funderbeam мора да има водечки инвеститор. Водечкиот инвеститор може да биде било кој правен субјект или физичко лице кои имаат добри познавања на бизнисот и економијата и оформена слика за инвестицискиот потенцијал на компанијата која ќе се обиде да прибере средства преку Funderbeam од други помали инвеститори од земјата и странство. Водечкиот инвеститор и самиот инвестира, со што демонстрира доверба во позитивните перспективи на компанијата.

Водечкиот инвеститор во стартап компанијата Kiimo, за потребите на нејзината престојна кампања на Funderbeam е компанијата Eurovia. Во оваа прилика г-дин Елмедин Адеми, извршниот директор на Eurovia изјави: „Како компанија која сопствениот почеток го има засновано врз претприемништвото и иновативноста, препознавме силна бизнис можност во овој проект. Впрочем, семејните вредности кои ги вградивме уште на почетокот во градежништвото, денес прераснаа во широк спектар на индустрии кои ја сочинуваат нашата групација која силно расте во земјава, но и во регионот. Нашата стратешка цел е да бидеме вистинска инвестициска компанија, фокусирана на иновации, нови технологии и динамичен развој. Токму затоа Eurovia ќе го поддржи овој стартап, затоа што делиме слични визии за тоа како можеме да го менуваме светот на подобро.“

Навистина ми е драго што домашна компанија го препозна потенцијалот на еден македонски стартап. Иако Kiimo веќе има подигнато инвестиции надвор од земјава, нашиот следен потфат е оперативното стартување да започне токму од Македонија и Хрватска, за што подготвуваме многу изненадувања. Практично, со оваа инвестиција и кампања, конечно ја ставаме во употреба технологијата која ја развивавме веќе подолго време, а со која целосно ќе го промениме начинот на достава на пратки во урбаните средини.“ изјави г-дин Давид Павловски, основач на компанијата Kiimo.

Kiimo апликацијата делува во сегментот на економија на споделување и го демократизира начинот на доставување преку вклучување на сите луѓе во процесот на достава.

Инвестицијата и отпочнувањето на кампањата се потпомогнати од SEEUTechPark и поддржани од ФИТР чии преставници присуствуваа и на потпишување на договорот.

За почетокот на кампањата на Kiimo преку платформата Funderbeam македонската јавност и сите заинтересирани потенцијални инвеститори ќе бидат дополнително благовремено информирани.